Почетна | Новости | СЕЛО ГЛУМОВО ДОБИ ПУНКТ НА ИТНА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ – ТРЕТ ГОДИНАВА, ДЕВЕТТИ ВО СКОПЈЕ

СЕЛО ГЛУМОВО ДОБИ ПУНКТ НА ИТНА МЕДИЦИНСКА ПОМОШ – ТРЕТ ГОДИНАВА, ДЕВЕТТИ ВО СКОПЈЕ

Големина на фонт: Decrease font Enlarge font
image

21 јуни 2016 - Министерот за здравство Никола Тодоров и директорите на Здравствен дом-Скопје Татјана Бајевска-Вучковиќ и Бесим Кока го посетија новоотворениот дистален пункт на Итната медицинска помош во скопско Глумово. Станува збор за трет пункт што се отвора годинава, а вкупно деветти што ќе работи 24 часа дневно седум дена во неделата. Пунктот ќе има тим од доктор, медицинска сестра, возач и возило кое 24 часа дневно ќе им биде на располагање на жителите на општина Сарај, но и на околните населени места.

– Глумово е стратешко место, бидејќи од овој пункт може да се интервенира во повеќе населени места во регионот. Отворањето на пунктот е повеќе од добредојдено, бидејќи денеска е портокалова фаза,  почнуваат горештините, а секогаш во такви ситуации имаме зголемен број на повици кон Итната медицинска помош. Идејата е да се намали времето за чекање на брзата помош, односно да се намали времето од повик  до интервенција, изјави министерот Тодоров по посетата на новоотворениот пункт на Итната помош во Глумово. Прецизира дека доколку брзата помош биде повикана од некое подалечно место и требаат 20 до 30 минути да дојде што, како што рече, во многу ситуации придонесува луѓето воопшто да не викаат брза помош и сами да ги носат пациентите во болница. Тоа, потенцира, понекогаш значи и непотребно малтретирање на пациентот, бидејќи немал потреба од ургентна интервенција.
Директорката Бајевска-Вучковиќ нагласи дека примарната здравствена заштита претставува основа во здравствениот систем и е задолжително да биде најпристапна за сите граѓани.
– Во делот на ургентна вонболнична медицина преку пунктовите на Итната медицинска помош се трудиме на секој начин да ги доближиме овие услуги и да го скратиме времето на одговор на интервенција. Овој пункт е во близина на Треска што како туристичко место во летните месеци е доста посетено и во дадени ситуации кога ќе има потреба граѓаните ќе имаат брз одговор од службата на Итната медицинска помош, изјави Бајевска-Вучковиќ.
– Сметаме дека во овој пункт ќе имаме голем број на повици и ќе биде максимално и рационално искористен, потенцира Бајевска-Вучковиќ..
Економскиот директор Кока посочи дека отворањето на третиот пункт го ветиле во декември 2015 година, а денеска го реализирале.

  • email Email на пријател
  • print Принт верзија
  • Plain text Само текст
Фотогалерија
image

ПЗЗ Центар

Слики од ПЗЗ Центар