Завод за здраствена заштита на мајки и деца

Мисијата на ЗЗЗМД е да го заштити и унапреди  здравјето и благосотојбата  на мајките и децата во Р.Македонија.

Зошто мајките и децата?

Унапредувањето на здравјето на мајките и децата како две најранливи популациони групи, продолжува да биде еден од најважните приоритети на владите на секоја модерна држава. Република Македонија има направено многу во подобрувањето на здравствениот статус на мајките и децата и има постигнато значаен напредок во редукцијата на матерналната, доенечката смртност и смртноста на децата. Овие здравствени индикатори го отсликуваат не само здравствениот статус на населението во целост туку претставуваат и важни показатели на квалитетот на здравствениот систем на земјата. Две од 8-те Милениумски развојни цели на ОН (цел 4 и цел 5) кои треба да се достигнат до 2015 година се однесуваат на здравјето на овие две групи, а тоа се намалувањето на матерналната смртност (за ¾) и намалувањето на смртноста на децата до 5 години (за 2/3).

Иако здравјето на мајките и децата навидум претставуваат различни предизвици, тие се нераскинливо поврзани и во нивното унапредување Заводот за здравствена заштита користи интегриран пристап, почнувајќи од планирање на семејството, грижа за време на бременоста и породувањето, грижа за време на перинаталниот и доенечкиот период, периодот на раното детство како и периодот на адолесценција.

За таа цел здравствениот сектор во Р.Македонија постојано работи на унапредување на квалитететот на здравствената заштита на сите нивоа, од примарно до терциерно, а особено внимание посветува на спроведувањето на превентивните мерки кои се дел од неколкуте превентивни програми кои ги изготвува Министерството за здравство и кои во голем дел содржат активности кои го имаат за цел токму унапредувањето на здравјето на мајките и децата.

Историјат на Заводот

Заводот за здравствена заштита на мајки и деца е основан 1957 година со одлука на Владата на СРМ и со финансиска помош од УНИЦЕФ. Со интеграцијата на Здравствен Дом Скопје во 1971 година, заводот стана работна единица на Здравствен Дом - Скопје и со своите активности се вклучи поинтензивно во спроведување на превентивните активности на подрачјето на градот Скопје, но и понатаму продолжи да ги исполнува задачите на државно ниво.

Кој сме ние ?

Програмите и активностите кои ги спроведува ЗЗЗМД имаат за цел да го зајакнат и поддржат здравјето на мајките и децата и да обезбедат достапност до високо квалитетна превентивна и примарна здравствена заштита на мајките и децата. Заводот со спроведување на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата обезедува интегриран и холистички пристап во унапредување на здравјето на  овие две највулнерабилни групи население, водејќи сметка пред се за здрав почеток на живот како основа за добро здравје во текот на целиот животен циклус.

Оддели:

А. Одделение за унапредување на квалитетот на здравствената заштита на
мајките и децата во Р.Македонија

1. Отсек за планирање, мониторинг и евалуација
      Активности: Следење на здравствената состојба и заштита на мајките и децата преку:

- Следење, обработка и анализа на податоци од виталната и здравствената статистика во доменот на здравствената заштита и состојба на мајките и децата  во Р.Македонија
- Развивање на системи за  мониторирање на индикаторите на здравствениот статус на децата во однос на социјална нееднаквост и социоекономски субгрупи
- Следење на стапката на смртност на доенчиња и стапката на перинаталната смртност во Р.Македонија, 
- Собирање, следење, анализа и известување за податоците од систематски прегледи кај деца од предучилишна возраст
- Собирање, следење, анализа и известување на податоци од регионалните развојни советувалишта. Во општините каде не се формирани развојни советувалишта, податоците ги испраќаат службите за преветивна здравствена заштита.
- Предлагање на мерки за унапредување на здравјето на децата, адолесцентите и жените во репродуктивен период.
- Изготвување на информација за здравствената состојба на жените и децата во Р.Македонија

2. Отсек за здравствена промоција и едукација
 
Заводот за здравстена заштита на мајки и деца, едукацијата на здравствените работници задолжени за спроведување на мерките од Програмата ја извршува преку следните активности:

 Континуирани тренинзи и работилници за едукација на поливалентните патронажни сестри за сите аспекти на правилен раст и развој на новороденчињата и малите деца вклучувајќи ги и децата родени со ризик  како и  за аспектите на здравјето на  адолесцентите и совети на жените за потребата од редовна грижа за репродуктивното здравје (редовни гинеколошки прегледи, Пап тест и совети за семејно планирање)
 Континуирани тренинзи и работилници за преветивните тимови кои работат со деца од предучилишна возраст вклучувајчи ги и децата родени со ризик од областа на промоција на ексклузивно доење, правилна исхрана, ран детски  развој рационална употреба на антибиотици, значењето на редовната имунизација во унапредување на здравјето, превенција од повреди во раното детство.

 

Здравствено-едукативна дејност

Заводот за здравстена заштита на мајки и деца, обезбедува пристап до информации поврзани со промоција на здравјето и здравствената едукација на населението и ја спроведува преку следните активности:

 Здравствено-воспитни предавања и работилници за деца од училишна возраст. Предавањата се изведуваат во средните училишта по класови со користење на современи интерактивни  методи. Темите се од областа на превенција на ризично однесување (употреба и злоупотреба на супстанци, ризично сексуално однесување, превенција на сексуално преносливи инфекции, превенција на тинејџерска бременост, насилно однесување).
  Здравствено-воспитни предавања, работилници и трибини  наменети за населението во општини со неповолни здравствени индикатори кај децата и жените во репродуктивен период.
 Изготвување, печатетње и дистрибуција на здравствено-промотивни пишани материјали: прирачници, водичи, брошури, летоци и постери наменети за здравствени работници, родители, адолесценти и други групи на население со цел унапредување на здравјето на мајките, децата и адолесцентите.

Б. Центар за следење на раст и развој на деца родени со ризик.

Во состав на Заводот за здравствена заштита на мајки и деца, при  Здравствениот дом на Скопје, функционира Центарот за следење на раст и развој на деца родени со ризик.
Во рамките на превентивно-едукативниот карактер на своето работење, во Центарот лонгитудинално се следи растот и развојот на деца од 0-6г. Возраст (физички, функционален и психички развој), со посебен акцент на децата родени со некој фактор на ризик и развојни проблеми.

Организираната поставеност на центарот имплементира посебна програма т.н. рана интервенција, која повеќе години наназад се усовршуваше и надградуваше, да денес преставува препознатлив и прифатен модел на секојдневно работење.Програмата се состои во рана детекција на развојните отстапувања, евиденција, рана развојна педијатриска дијагноза, психолошко тестирање, дефектолошка процена, следење и апликација на рани сензомоторни стимулации кај ризичните деца и децата со развојни проблеми, во раниот доеначки период.

Програмата или работата со децата се реализира во одредени временски интервали (термините однапред се закажуваат), по одредена методологија, со апликација на соодветни интервенции, во зависност од возраста, развојната биодинамика на секое дете и неговиот преостанат расположив потенцијал.Во Центарот електронски се води и стручно евалуира, регистар на ризични и регистар на попречени деца во развојот.

На ова се надоврзува и мошне важниот сегмент со работата со родителите. Истата се содржи во советување, првични информации, рано осознавање на проблемот, рана подржка на семејството, едукација на родителите за работа во домашни услови, поставување на основа и градење на стратегија за иднината на децата.

Основна цел на целата програма претставува превенција или ублажување на хендикепот и развојните потешкотии, подигање на нивото на развојниот капацитет на децата.Повеќе годишното работење на Центарот резултираше со негово поврзување и размена на податоци и информации со институции од здравството, социјалната заштита и образованието, асоцијации на родители и НВО, и се етаблираше како мошне битен сегмент во линијата на згрижување и третман на децата со развојни проблеми.

Мултидисциплинарниот приод го обезбедува оптималниот состав на тимот: педијатар, доктор на медицина, дипломиран психолог, два дипломирани дефектолога и медицинска сестра. Кадарот од Центарот за оваа проблематика е посебно едуциран во земјава и странство преку учество на низа стручни манифестации, конгреси, симпозиуми, работилници, проекти и сл.

Центарот располага со мошне солидно адаптиран простор во рамките на поликлиникатата "Битпазар". Истиот е опремен за потребите на децата по европски стандарди за спроведување на раната интервенција по програма и во континуитет за секое дете. Исто така овозможува работа со родители и нивна едукација за работа во домашни услови.
Центарот нуди можност за практична едукација на доктори, психолози, дефектолози и студенти од овие области во сегментот на рана интервенција.

Контакт тел 3134-534 лок 409
                     3134-661 директен бр.

Зошто сме  присутни ?

- Во Македонија постојат над 500.000 жени во репродуктивен период и над 500.000 мали деца и адолесценти
- Секоја година се раѓаат околу 25.000 бебиња; 200-300 од нив не го дочекуваат својот прв роденден
- Над 500.000  деца и адолесценти  секоја година имаат потреба од заштита на нивното здравје од заразни заболувања но и од бихејвиорални ризик фактори
- Голем број на семејства со мали деца  имаат потреба од подршка во нивните настојувања да обезбедат здрав почеток на живот  на нивните новороденчиња и  подршка во обезбедување на нивниот оптимален раст и развој  
- Околу 300 000 адолесценти имаат потреба од социјална  подршка во унапредување на нивното сексуaлно  и репродуктивно  здравје како и примена на здрави животни стилови кои обезбедуваат квалитет на живот во адултната возрaст

Кои се целите ?

- Континуирано обезбедување на ефективни и ефикасни превентивни здравствени услуги кај децата и жените од репродуктивен период поврзани со безбедно мајчинство и правилен раст и развој на децата.
- Зголемување на достапноста, квалитетот и одржливоста на услугите од превентивна здравствена заштита на мајките и децата.
- Рана детекција, евиденција, дијагноза и следење на деца родени со ризик и со пречки во развојот.
- Зајакнување на капацитетите на родителите, членовите  на потесното семејство и локалната заедница во унапредување на  раниот детски развој во рамките на семејството.
- Ублажување на влијанието  на  социјалните детерминанти (сиромаштија и социјална нееднаквост) врз развој на неповолни здравствени индикатори кај мајките и децата.
- Зајакнување на капацитетите на локалните заедници  заради обезбедување на широка социјална подршка во севкупните напори за подобрување на здравствената сосотојба на мајките и децата

 

 

Прогресот кој го направивме:

Progresot koj go napravivme 

 Што останува да направиме ?

- Понатамошно намалување на стапката на смртност на доенчињата и малите деца, особено во регионите каде стапката е повисока од просечната во државата.
- Намалување на перинаталната смртност.
- Целосен опфат на децата со имунизација.
- Целосен опфат  на бремените жени со квалитетна антенатална заштита
- Целосен опфат на бремените жени со породувања со стручна помош и мерки за перинатална заштита на родилките.
- Подигање на нивото на информираност на родителите за принципите на правилен раст и развој на децата.
- Зајакнување на капацитетот на Заводот за прибирање и раководење со епидемиолошки податоци кои се потребни за креирање на ефикасни Програми за унапредување на здравјето на мајките и децата.

Нашата визија ...

Преку разни активности и програми, Заводот настојува во иднина да креира амбиент во кој:

• Сите бремености  ке бидат планирани.
• Сите жени ќе достигнат оптимално ниво на здравје потребно за здрава и безбедна бременост.
• Ниедна жена нема да се соочи со тешко оштетување  на здравјето или смрт поради бременост и породување.
• Сите бебиња ќе се родат здрави.
• Сите деца и адолесценти ќе достигнат оптимално ниво на здравје и благосотојба.
• Сите жени,  новороденчиња, мали деца и адолесценти ќе имаат пристап до квалитена примарна здравствена заштита  вклучувајќи ги услугите од областа на планирање на семејството,  заштита  за време на бременоста и породувањето, мониторирање  на растот и развојот кај децата и зајакнување на вештини кај адолесцентите за примена на здрави животни стилови.
• Жените,  децата и семејството се високо вреднувани.
• Елиминација на сите нееднаквости во здравјето.

Заводот за здравствена заштита на мајки и деца и неговата место  во унапредување на здравјето во текот на целиот животен век

majki i deca